По најавата од страна на премиерот и министерот за финансии за воведување на еколошка такса со која ќе бидат опфатени нафтените деривати при што се очекува зголемување на цената на нафтата за 4,13 денари/литар, Асоцијација Макам-транс испрати допис до Влада и до Министерство за финансии како реакција за невклучување на превозниците во анализите за оваа мерка како најголеми потрошувачи на нафтени деривати и не примена на еколошка суштина која се практикува како стимулативна мерка во државите членки на ЕУ.

Од Макам-транс велат дека дописот е првиот чекор кој Асоцијацијата го преземе како реакција на горенаведената мерка.
Во наредниот период предвидени се состаноци со надлежните органи и обид за промена на најавената мерка, за таа цел се одлучивме да спроведеме анкета за да се анализира состојбата и спремноста на превозниците за спроведување на отпор во различни облици.
“Со најавениот предлог, кој минатата година беше спроведен како предлог на Стопанската комора на Македонија за зголемување на акцизата на нафтените деривати, а сега во форма на еколошка такса на нафтени деривати, јасно е дека ние превозниците и граѓаните треба да го поднесеме најголемиот товар и да ја обновиме и спасиме економијата, а во коморите нема ниту една членка од областа на превозот”, велат од Макам-транс и потенцираат дека во изминатите 30 години не биле никогаш помогнати со ниту една мерка или субвенција, но сепак со сопствени сили стигнале до над 5.000 возила со највисоки еколошки стандард 5 и 6, заради што сега е нелогично да плаќаат еколошка такса.