Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот учествуваше на 42-от меѓународен саем за туризам ”SAJAM TURIZMA 2020” во Белград, заедно со општините Дојран и Крушево, како и туроператорите Бадем Тур, Савана, Глобус Травел, Карачи и хотелите Меркур и Парк Ленд.
Преку прилагодена туристичка понуда, традиционално, македонското туристичко стопанство ги презентира туристичките капацитети со кои располага државава, а посебен фокус е ставен на културниот, винскиот туризам и гастрономијата, а засилено со убавините на Крушево, Дојран и Југоисточниот регион на државава. Во духот на добрососедство и подобрување на работната клима што е предуслов за развој на туристичкиот сектор, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Северна Македонија на саемот во Србија покажа отвореност за отпочнување на соработка и размена на искуства со чинителите од српскиот и регионалниот туристички пазар.
Секоја година, ”SAJAM TURIZMA” е домаќин на повеќе од 1000 изложувачи од над 50 земји и над 12.000 професионалци од туристичката индустрија – учесници, посетители и гости.
Присуството на македонското туристичко стопанство на ”SAJAM TURIZMA 2020” е од големо значење поради тоа што овозможува пристап до пазар со повеќе од 10 милиони потенцијални туристи од Југоисточна Европа. Саемот е одлично место каде може да се воспостави директен контакт со повеќе од 12.000 посетители и претставници на медиумите, да се разменат информации со домашни и меѓународни туристички експерти за последните трендови на туристичките пазари во Србија, на Балканот и во светот и можност за нови договори за испорака на производи и услуги и место за набљудување на конкурентно опкружување.
Статистиката за овој пазар покажува дека има раст на српски туристи од 4%, односно минатата година нашата земја ја посетиле 59.567 туристи од соседна Србија и пораст на бројот на ноќевања од 5% во однос на лани.