Професорот Игор Јорданов од Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје работи на  проектот за иновативен високо-технолошки текстилен материјал за војничка униформа, наменет за припадниците на Армијата и за земјите-членки на НАТО кој со промена на бојата ќе детектира опасност од нервен гас, но и други опасности.

„Овој проект има за цел да произведе повеќефункционална војничка униформа која ќе биде огноотпорна, ќе штити од микроорганизми и УВ-зрачење, а преку промена на боја ќе детектира нервни гасови. Овие својства ќе се постигнат со новата слој-по-слој техниката за нанесување нанопремази на површината на ткаенината, со користење на хемикалии кои се отпад од индустријата, користејќи го концептот на циркуларната економија. Овие нанопремази овозможуваат да се постигнат бараните својства, а униформата да биде лесна и да ги задржи своите комфорни својства“, изјави Јорданов.

Проектот ќе го реализираат стручни тимови од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, заедно со Технолошко-металуршкиот факултет во Белград и од А & М Универзитетот во Тексас.

Проектот практично ќе значи револуција во квалитетот на војничката униформа, а се состои во креирање текстилен материјал за војничка униформа, која нема само да штити од температури и други надворешни влијанија, туку ќе биде и детектор за предупредување од опасности, како што е присуство на нервен гас. 

Минситерката за одбрана Радмила Шекеринска изрази задоволство што после еден подолг период, како што рече, денеска покажуваме дека нашата земја не е само воена сила која што може да придонесува во НАТО-Алијансата, туку во Алијансата можеме да придонесеме и како иноватори.

“Во успехот на професорот Јорданов и целиот негов тим да кажам дека ова го сметаме и како повик до сите истражувачи, до сите научници да ја пробаат шансата која што ја дава НАТО програмата Наука за мир, програма која што и претходно беше отворена за нас, но сега како земја членка можеме да бидеме дури и предводник на ваквите тимови”, изјави Шекеринска.