Компанијата Макстил, една од најголемите извозни компании во земјава, се соочува со многу предизвици и негативни влијанија како последица на моменталната криза со пандемијата на коронавирус.
Во првото тромесечие годинава Макстил работел со вкупни приходи од продажба од 20,8 милиони евра, што е раст од 3% во споредба со истиот период лани.
Дури 80% или 16,7 милиони евра од вкупните приходи од продажба на Макстил во првиот квартал  се остварени од извоз во странство, кој бележи пад од 6% во споредба со истиот период претходната година.

Приходите од продажба на домапшниот пазар во истиот период се зголемени за 48% и изнесувале 4,2 милиони евра.
Нето добивката на Макстил, за првите три месеци изнесува околу 58 илјади евра и е речиси три пати поголема воспоредба со истиот период лани.
Од Макстил велат дека во првиот квартал од годинава компанијата се соочила со бројни предизвици како резултат на моменталната криза која изврши влијание на сите аспекти од општественото живеење и го промени целокупното деловно опкружување.

“Во услови на примена на ограничувачките мерки за движење, се почувствува промена како во глобалните синџири на снабдување, така и во глобална побарувачка, при што беше нарушена и довербата на економските субјекти во глобални рамки. Овие текови неминиовно извршија влијание на секојдневното работење на нашата компанија особено во делот на транспортот, кога подади мерките за карантин бевме принудени да ја промениме организацијата на работењето што предизвика дополнително зголемување на трошоците”, велат од Макстил.  

Благодарение на успешното планирање и следење на состојбата со Ковид-успеале однапред да обезбедат доволно суровини и материјали за производство и не почувствувале посериозни нарушувања во секојдневното работење и функционирање на погоните за производство.

“Поголем предизвик преставуваше испораката на лимовите заради наметнатите услови за почитување на карантинот од страна на ЕУ и Турција, кој подоцна беше отстранет, но влијаеше на зголемувањето на транспортните трошоци”, велат од Макстил и потенцираат дека најголемо внимание било насочено кон здравјето и безбедноста на вработените.

Влеат дека доследно ги следеле препораките на Министерството за здравство и Владата и сите активности биле насочени во навремено превенирање на ризиците кои се појавија, заради што е спроведено целосно реорганизирање на работењето.

Посилно изразени негативни ефекти од корона кризата Макстил бележи во вториот квартал годинава.

“Во делот на нарачките за вториот квартал бележиме намалување од 30% – 40%, а за третиот квартал во моментов не сме во состојба да направиме прецизно предвидување имајќи во предвид дека состојбата се менува секојдневно и зависи од глобалните пазари. Периодот на пад на нарачките планираме да го ползуваме за плански застој, во втората половина на мај, при кој планираме проверка и подобрување на кондиционата спремност на опремата во производниот погон Валавница”, велат од Макстил и потенцираат дека големата неизвесност која постои во Западна и Централна Европа околу рестартирањето на металопреработувачката индустрија поради здравствената криза остава простор за голема загриженост.

Од Макстил велат дека дополнителни проблеми во работењето им создаваат административните забрани и заштитните мерки за увоз на челични проиводи од страна на Европската Унија, кои во овие услови уште повеќе се заостриле и можат сериозно и долгорочно да им наштетат на работењето.

“Доколку и во наредниот период продолжи намалувањето на испораките на нашиот готов производ тоа неминовно ќе се одрази на приходот на Макстил, а тоа дополнително би можело да го обремени подмирувањето на нашите обврски кон добавувачите. а последните два квартали од годинава од една страна, претстои благ оптимизам поткрепен со најавите за рестартирање на инвестициските проекти во глобални рамки за третиот и четвртиот квартал на годинава, а од друга страна, повторно сме исправени пред предизвикот од најавеното намалување на квотите на одредени челични производи на европскиот пазар”, велат од Макстил.

Од компанијата потенцираат дека и покрај сите потешкотии и предизвици со кои се соочуваат во моментов компанијата успела да ги задржи сите вработени на работните места и во првиот квартал во годината постои благ тренд на зголемување на платите. Задржувањето на сите вработени и грижата за нивното здравје и безбедност ќе остане еден од главните императиви на менаџментот во компанијата.