Регистрациите на патнички автомобили во Германија се зголемени за скоро 36% на годишно ниво во март, објави во средата Федералниот орган за моторен транспорт (КБА).
Сепак, германскиот пазар на патнички автомобили е се уште „далеку од нивото пред кризата“, предупреди Германското здружение на автомобилска индустрија. Иако регистрациите во март беа зголемени, тие сепак се за 15% под нивото од март 2019 година.
Со регистрирани 656.452 автомобили во првиот квартал од 2021 година, регистрациите на патнички автомобили во Германија се намалени за 6,4% во споредба со првиот квартал од 2020 година, според КБА.
„Никогаш немало полош прв квартал од кога се води статистика“, се вели во соопштението на Здружението на меѓународни производители на моторни возила (ВДИК), нагласувајќи дека регистрациите на нови автомобили во Германија се 16% под просекот на 10 години.
Индустријата не очекуваше дека првиот квартал од 2021 година ќе биде „дури и помрачен од веќе екстремно лошиот период од претходната година“, рече Рајнхард Зирпел, претседател на ВДИК.
Регистрациите на автомобили со алтернативни погонски системи, сепак, покажаа „позитивен развој“, според КБА.
Со повеќе од 30.000 новорегистрирани електрични возила со батерии во март, регистрациите се зголемени скоро тројно и достигнаа вкупно учество од 10,3%.
Минатата година, германската влада ја зголеми премијата за набавка на електрични возила до крајот на годината, со стапки на субвенции за електрични возила до 9000 евра за возила со чисто електрични погони.
Извор: Reuters