Според Германската федерална канцеларија за транспорт, во септември годинава во Германија биле новорегистрирани нешто повеќе од 265.000 нови автомобили, што е за 8% повеќе од истиот месец минатата година. Ова е прва позитивна промена оваа година, со оглед дека бројот беше сè уште во црвено во август (-20 %).
За девет месеци, вкупниот број на нови регистрации е нешто повеќе од два милиони, а поради големите затворања на трговијата пролетва и како последица на остриот пад, бројот е помал за 25% во споредба со истиот период лани.

Германија, како и другите поголеми западноевропски земји, усвои шема на субвенции пред почетокот на летото, а исто така и намалување на стапката на ДДВ.
Субвенциите главно се насочени кон електрифицирани автомобили, чија продажба нагло расте и достигнува удели на пазарот како никогаш порано. Така, во септември, на пример, беа новорегистрирани 21.000 електрични автомобили со батерии, што е за два и пол пати повеќе од септември минатата година, со што уделот на пазарот на овие возила достигна8% , додека продажбата на plug-in хибриди се зголеми за четири и пол пати.
Спротивно на тоа, уделот на бензински и дизел автомобили е намален. Просечната емисија на јаглерод диоксид во новите автомобили падна за 13%, на 134 грама на километар.

Покрај Германија, и Италија имаше подобра продажба меѓу поголемите европски пазари минатиот месец, каде регистрациите беа за 9% повисоки од минатата година.