Во ноември изминатата 2021 година македонските компании извезле стоки во вредност од 614,3 милиони евра, што е за 6,2% повеќе во споредба со извозот во ноември 2020 година. Увозот на стоки, пак, во ноември изнесувал 876 милиони евра и е за 26,1%% поголем во споредба со истиот месец од кризната 2020 година.

Ако се гледа извозот за периодот од јануари до ноември 2021 година тој изнесувал 6,2 милијарда евра и е за 21% повисок од истиот период претходната година, додека увозот за истиот период изнесувал 8,7 милијарди евра и е повисок за 27,8% повисок во споредба со истиот период од 2020 година.

Но, ако се гледа извозот во првите единаесет месеци од 2021 година количински, тој е повисок за 10% во споредба со истиот период од 2020 година. Двојно повисокиот раст на вредноста на извозот е одраз на високиот раст на цените на суровините и материјалите во изминатата година, што номинално ја зголемија и вредноста на извозот.

Поголемиот раст на увозот од извозот го зголеми трговскиот дефицит во размената на македонската економија со странство минатата година. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека трговскиот дефицит во првите единаесет месеци минатата 2021 година надмина 2,3 милијарди евра и е поголем за 50% или за 792 милиони евра во споредба со истиот период од 2020 година, кога трговскиот дефицит изнесувал 1,56 милијарди евра.

Покриеноста на увозот со извоз во ноември 2021 година изнесуваше 70,1%, додека покриеноста на увозот со извоз за првите 11 месеци од 2021 година изнесува 72,8%.

Од вкупниот извоз во првите единаесет месеци од 2021 година, дури 77,4% или 4,9 милијарди евра биле насочени кон Европската унија. Извозот во ЕУ во овој период бележи раст од 20,7%. Извозот, пак, кон останатите неевропски држави во првите единаесет месеци од 2021 година изнесувал 1,4 милијарди евра и е поголем за 22% во споредба со истиот период од 2020 година..

Во најголемиот трговски партнер Германија во периодот јануари-ноември лани извезени стоки во вредност од 2,95 милијарди евра или 46,6% од вкупниот извоз на државата. Извозот во Германија во овој период бележи раст од 20,9% во споредба со извозот во истиот период минатата 2020 година.

Дури една третина или 31,1% од вкупниот извоз од земјава во овој период отпаѓа на машини и транспортни уреди, чиј извоз достигна над 1,97 милијарда евра и тој е поголем за 15,5% во споредба со истиот период од 2020 година.

Машините и транспортните уреди кои главно се произведуваат во слободните економски зони се тесно интегрирани со европската, посебно со германската автомобилска индустрија, која бележи големо забавување и пад на продажбите, што се одразува и врз намалените нарачки за компаниите производители на авто делови кои работат во земјава.

Втор најголем извоз во периодот јануари –ноември 2021 година е извозот на хемиски производи, чија вредност достигна 1,66 милијарди евра и бележи раст од 34% во споредба со истиот период лани.

Извозот на храна во првите единаесет месеци од 2021 година изнесува 358 милиони евра и бележи годишен раст од 7,5%.
Раст на извозот има во сите сектори, освен кај извозот на пијалоци и тутун, кој во истиот период бележи благ пад од 0,6%.