Во текот на минатата 2024 година македонската прехранбена индустрија извезла прехранбени производи во странство во вредност од 545 милиони евра, раст од 10,6% во споредба со претходната 2023 година. Извезени биле 480 илјади тони храна, што е зголемување 11,7% во споредба со претходната година.
Истата 2024 година во земјава се увезле 785 илјади тони храна за кои биле платени една милијарда и 67 милиони евра. Вредноста на увозот на храна расте континуирано последните десетина години, а лани за прв пат надмина 1 милијарда евра, што е раст од 9,4% во споредба со 2023 година. Увезените количини на храна лани се зголемиле за 6,5%, што значи дека за помалку храна сме платиле поскапо.
Во трговијата со храна со светот лани сме имале дефицит од рекордно највисоки 520 милиони евра, а покриеноста на увозот на храна со извозот била ниски 51%.
Увозот на храна расте постојано секоја година, но растот особено се засили по пандемијата на Ковид 19 во 2020 година и војната во Украина во 2022 година.
Така ако се според со пред 10 години, увозот на храна е зголемен за 93% вредносно, а увезените количини се поголеми само за 2,3% од оние кои сме ги увезувале пред 10 години. Или за увезената храна од странство како држава плаќаме 513 илиони евра повеќе отколку што сме плаќале пред 10 години. Вкупно, за последните 10 години за увоз на храна сме потрошиле близу 7,4 милијарди евра.
Истовремено, додека расте увозот на храна, статистичките податоци покажуваат дека производството на храна бележи намалување (од 2015 па наваму), а се намалува бројот на вработени во земјоделието.
И тоа се случува во период кога во земјоделието се исплатени субвенции во износ од 1,5 милијарди евра (од 2004 до 2023 година). Колку за потсетување, целта на овие субвенции кои од буџетот се исплаќаа кон земјоделците беше да се зголеми домашното производство и понудата на земјоделски производи, како и да се намали увозот.
Ниту една од овие цели не е исполнета. Напротив, особено после панедмијата на Ковид 19 и војната во Украина, се соочуваме со значително зголемување на увозната зависност од храна, но и зголемување на трошоците за производство на домашна храна. Војната во Украина и нарушувањата во синџирите на снабдување кои ги предизвика пандемијата на Ковид 19 беа главните причини заради кои цените на храната достигнаа рекордно највисоко ниво. Се зголемија цените на житарките, млечните производи, маслата за јадење, месото и речиси сите суровини за производство на храна.
Во услови на раст на цените на храната на светско ниво, увозот на храна во Македонија станува се поскап. А зголемувањето на цените на енергенсите, вештачките ѓубрива и др. трошоци за производство го поскапуваат домашното производство на храна, што резулираше со тоа да плаќаме за скапа храна, како за онаа произведена дома, така и за увезената од странство.
Каква храна најмногу увезуваме?
Анализата на податоците за увозот на храна во минатата 2024 година покажуваат дека најголема ставка во увозот на храна е месото. За увоз на месо од странство лани сме морале да платиме 230 милиони евра, за 11,5% повеќе во споредба со претходната година иако биле увезени 3,6% повеќе количина за 5,2%.
Втора најголема ставка во увозот на храна лани биле овошјето и зеленчукот, за што сме платиле 161 милион евра, за 11,2% повеќе од претходната година, а увезените количини се зголемиле за 4,7%.
Потоа следат Разни производи за исхрана со увоз во вредност од 143, 5 милиони евра, Жита и преработики од жита со увоз вреден 142 милиони евра. Лани биле увезени производи од категоријата Кафе, чај, зачини во вредност од близу 126 милиони евра, Млечни производи и јајца во вредност од 105 милиони евра, Шеќер во вреднсот од 68 милиони евра.