Германската автомобилска компанија Volkswagen предупреди дека глобалниот недостиг на полупроводници кои влијаат на производството на автомобили ќе се влоши во текот на следните шест месеци, придружувајќи се на останатите автомобилски компании кои ги намалија проценките за остатокот од годината.
Овие предупредувања претставуваат промена во индустријата откако извршните директори и аналитичари предвидоа дека кризата со чипови ќе се намали во вториот квартал, што ќе доведе до постепено подобрување во втората половина од годината.
„Последиците од недостиг на полупроводници најверојатно, ќе продолжат да се чувствуваат и во втората половина на годината“, изјавија од Volkswagen.
Консултантската компанија AlixPartners во јануари годинава предвиде дека недостигот на чипови ќе ги чини глобалните производители на автомобили 61 милијарда долари загубени приходи оваа година. Но, во мај, AlixPartners ја ревидираше својата проекција нагоре на 110 милијарди долари.
Фирмата рече дека производителите на автомобили се очекува да продадат околу 80,7 милиони нови автомобили оваа година, што е помалку од претходната проценка од 84,6 милиони – загуба од околу 3,9 милиони продажни единици ширум светот како резултат на недостаток на чипови.
Во Кина, најголемиот пазар на автомобили во светот според продажбата, недостатокот на чип ја прекина низата на раст на продажбата на нови автомобили во изминатите 11 месеци. Здружението на патнички автомобили во Кина минатата недела соопшти дека продажбата на нови автомобили во јуни од 1,58 милиони возила е намалена за 5,1% во однос на претходната година, главно поради недостаток на чипови и проблеми во снабдувањето.
BMW минатата недела изјави дека произведе 30.000 возила помалку од планираното оваа година поради недостигот на чипови и потенцираше дека ќе биде тешко да се задржат претходните изгледи за подобрување во втората половина од годинава.
Извршниот директор на Renault, Лука де Мео, неодамна за Блумберг њуз изјави дека недостигот на чипови е структурен проблем што ќе продолжи до следната година. И Daimler, производителот на автомобили Мерцедес-Бенц, рече дека „недостигот се очекува да влијае на претстојните два квартала во однос на продажбата“.
Компанијата „Ford Motor“ минатата недела објави дека продажбата во јуни во САД опаднала за 27% од претходната година, поради недостигот на чипови и дека ќе мора да го намали производството во јули.
Volkswagen го издаде своето предупредување по објавата за оперативен профит од 11 милијарди евра во првите шест месеци од годинава, по загубата од 1,49 милијарди евра минатата година заради блокадите од пандемијата.
Компанијата, чии брендови вклучуваат VW, Seat, Skoda, Audi и Porsche, беше во можност да го ублажи влијанието на недостатокот на чипови со пренасочување на набавките во попрофитабилни модели, рече портпаролот.
Германскиот производител на автомобили објави силна продажба во првата половина годинава во Европа, каде има тенденција да заработи поголеми маржи на продажба на нови автомобили отколку во другите делови на светот, изјавија Volkswagen , додавајќи дека изгледите за втората половина се послаби заради влошување на кризата со чипови.