Македонски вина и млечни производи на најголемиот руски саем Продекспо 2020 во Москва

0
103

Република С. Македонија со Национален штанд се претставува на Меѓународниот саем за храна, пијалоци и суровини за прехрамбената индустрија „Продекспо 2020“ во Москва. Најголемата саемска манифестација од овој вид во Руската Федерација и во Југоисточна Европа беше отворена денес и ќе трае до 14 февруари во изложбено – саемскиот „Експо-центар“.

Настапот на македонските компании е во организација на Македонска-руската стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
На  овој исклучително значаен деловен настан од областа на производството и пласманот на храна и пијалоци своите производи ги изложуваат македонските производители – винариите „Тиквеш“ од Кавадарци, „Далвина“ од Струмица, „Стоби“ од Градско и „Езимит“ од Лозово  и млекарниците „Бучен Козјак“ од Куманово и „Малеш“ од Берово.
По отварањето на саемот македонскиот Национален штанд го посети вршителот на должност амбасадор на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Н.Е. Оливера Димовска.

“На националниот штанд на 65 квадратни метри руските увозници и дистрибутери, трговските ланци и најголемите маркети, како и  другите деловни луѓе и бројните посетители, ќе можат да ги запознаат врвните македонски вина и квалитетна млечни производи на овие нашите производители, од кои дел допрва се подготвуваат за влез на овој голем пазар. Македонско-руската стопанска комора по единаесетти пат, а со државната поддршка по деветти пат, го организира презентирањето на дел од македонската индустријата на пијалаци и млечни производи, микс што  маркетиншки влијае на зголемување на извозот во овој дел на светот. Можностите се на дофат на компаниите, од нив сега зависи колку ќе ги искористат, а оваа саемска манифестација е идеална за склучување на извозни деловни зделки, вели Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска-руската стопанска комора.

За можностите зборуваат бројките според кои во „Експоцентарот“ во Москва на „Продекспо 2020“ на 100.000 квадратни метра ги изложуваат своите производи 30 индустриски сектори, буквално сите сегменти од производството на храна.
Присутни се 2.600 компании – изложувачи од 67 земји од светот. Меѓу повеќе од 30 национални штандови е и македонскиот, што ја отсликува заинтересираноста на земјава за развивање на економските односи со Руската Федерација.

Се очекува низ халите на „Експо центарот“ да поминат 67.000 посетители од 112 земји и претставници на 120 меѓународни и руски трговски ланци.
„Продекспо 2020“  ги собира на едно место ги собира трговците – увозници од федерално и локално ниво, кои се стратешки партнери на прехрамбената и индустријата на пијалоци во Русија и Евроазиската унија, како и претставниците на ХоРеКа секторот – хотели, ресторани, кафулиња и барови.Затоа и е огромен бројот на договори склучени врз основа на деловните контакти што се воспоставуваат на штандовите во московскиот „Експо центар“.

За време на саемските денови ќе се одржат и бројни тематски конференции, на кои свое учество ќе земат и македонските деловни луѓе и Македонско-руската стопанска комора.

На оваа саемска изложба може да се видат нови производи, трговски марки и брендови. Повеќе од 14 отсто од новитетите во овие индустрии се презентираат на овој саем, а од годинава посебно се издвојуваат и компаниите од секторот на органска храна, дел кој може да биде интересен за нашите производители, додава Бешлиев.

Минатата година вкупниот обем  на трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација ја достигна вредноста од 194.5427.987 САД долари. Македонските компани извезоа стока на рускиот пазар во висина од 52.149.341 долари, додека увезле речиси три пати повеќе или точно 142.393.646 долари. Заради ваквите резултати, Република Северна Македонија лани оствари трговски дефицит во трговијата со Руската Федерација во износ од 90.244.305 долари. Од тие причини македонските компании мора да го зголемат извозот во оваа земја за да се движиме кон врамнотежување на размената.

Учеството на саемот,  македонските компании ќе го искористат за интензивни контакти со руските партнери, но се очекуваат и бројни  деловни  средби  со претставници на рускатата комора и другите деловни асоцијации, како и со официјалните лица на руската администрација.