Повеќекратните закани за глобалната економија се на врвот на грижите на годинешните средби кои Светскиот економски форум (СЕФ) ги организира секоја година во Давос.

Политичките и деловните лидери се среќаваат во услови на висока инфлација, која е на рекордно ниво во последните неколку декади и во услови на многу висок ризик од светска економска рецесија.

Рекордните поскапувања ја поткопаа довербата на потрошувачите и ги разнишаа светските финансиски пазари, што ги натера централните банки, вклучително и Федералните резерви на САД, да ги зголемат каматните стапки.

Во меѓувреме, реперкусиите врз пазарите на нафта и храна од руската инвазија на Украина во февруари – што Москва ја опиша како „специјална воена операција“ – и строгите ковид карантини и ограничувања во Кина, ги засилуваат мрачните прогнози.

Имаме најмалку четири кризи, кои се испреплетени. Имаме висока инфлација, енергетска криза, сиромаштија со храна и климатска криза. И не можеме да ги решиме проблемите ако се концентрираме само на една од кризите“, рече германскиот вицеканцелар Роберт Хабек.

„Но, ако ниту еден од проблемите не се реши, навистина се плашам дека ќе наидеме на глобална рецесија со огромен ефект врз глобалната стабилност“, рече Хабек за време на панел-дискусијата на СЕФ.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) минатиот месец по втор пат оваа година ги намали изгледите за глобален раст, наведувајќи ја војната во Украина и издвојувајќи ја инфлацијата како „јасна и присутна опасност“ за многу земји.

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард предупреди дека растот и инфлацијата се на спротивставени патеки, бидејќи зголемените ценовни притисоци ја ограничуваат економската активност и ја намалуваат куповната моќ на домаќинствата.

„Руско-украинската војна може да се покаже како пресвртна точка за хиперглобализација“, смета Лагард.

„Тоа може да доведе до тоа синџирите на снабдување да станат помалку ефикасни некое време и, за време на транзицијата, да создаде потрајни притисоци за трошоците за економијата“, додаде Лагард.

Сепак, таа во суштина најави зголемување на каматните стапки и во јули и во септември за да ја намали инфлацијата, дури и ако зголемените трошоци за задолжување сигурно ќе влијаат на растот.