Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека индустриското производство во некои индустрии почнува да се опоравува и бележи раст во споредба со истиот месец лани, додека во најголемиот дел од индустријата производството бележи пад.
Индустриското производство во јули годинава бележи пад од 9,5% во споредба со јули минатата година. Индустриското производство, пак, во периодот јануари-јули годинава е помало за 13,8% во споредба со истиот период лани.
Индустриското производство во преработувачката индустрија (која учествува со 76,5% во вкупното индустриското производство) во јули е помало за 6,5% во споредба со истиот месец лани. Во јули само осум индустрии од преработувачката индустрија имале раст на производството, додека останатите 15 имаат помало производство. Во првите седум месеци годинава индустриското производство во преработувачката индустрија е помало за 14,7%.
Податоците за јули покажуваат дека секторите во кои доминантно работат странските инвеститори имаат поголем пад на производството, додека некои од секторите каде работат доминантно домашни извозно ориентирани компании во јули имале раст на производството.
Така на пример, индустриското производство на фармацевтски производи (кое учествува со 2,91% во инд.призводство) во јули било поголемо за 17,3% во споредба со јули минатата година.
Производството на прехранбени производи во јули било поголемо за 11,9%. Производството на тутунски производи во јули има раст од 10,6%. Раст од 24,3% има и кај производството на компјутерски и електронски производи, за 20,8% е поголемо производството на хемиски производи во јули, раст од 5,2% има и производството на метали, производството на пластични маси има раст од 3,8%.
Од друга страна, најголем пад на производството во јули од дури 47,8% имало во кожарската индустрија. Производството на мебел има пад од 24,5%, производството на моторни возила со пад на производството од 21,1%.
Производството на машини и уреди има пад од 17,5%, додека за првите шест месеци падот во оваа индустрија, во која работат главно странските инвеститори, изнесува високи 38%. Производството на електрична опрема во јули бележи раст од 1,1 во споредба со јули минатата година, но падот во првите седум месеци е 26,2%.
Во секторот Рударство и вадење руди има голем пад на производството од 36,1% во јули, додека во првите седум месеци производството е помало за 10,1% во споредба со лани.
Во секторот Снабдување со електрична енергија и гас, производството во јули бележи пад од 2,6%, додека во првите седум месеци падот е 11,8%.
Бројот на вработени во индустријата во јули помал за 6,3%
Статистиката покажува дека намаленото производство во индустријата било следено и со намалување на бројот на работници.
Во јули годинава бројот на работниците е помал за 6,3% во однос на јули минатата година. Во преработувачката индустрија во јули бројот на работници бил помал за 6,9%, при што најголемо намалување на бројот на работници има во тутунската индустрија, кожарската индустрија и во индустријата за производство на моторни возила. Најголемо зголемување на бројот на работници има во фармацевтската индустрија од 9,8% и производство на пластилни маси од 3,8%, во споредба со јули минатата година.